Премиерот Христијан Мицкоски најави дека по прославата на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе се одржи на 17 јуни во Струмица, ќе започнат разговори со коалициските партнери за реконструкција на Владата.„Следната недела по роденденот на ВМРО-ДПМНЕ кој е на 17 јуни во Струмица, следниот ден почнуваме со владините коалициони партнери за реконструкција на Владата“, изјави Мицкоски.Во однос на ставот на СДСМ дека нема да бидат алиби за предвремени парламентарни избори, премиерот повтори дека позицијата на Владата е мандатот да се заврши до редовните избори.„Нашиот став е да нема предвремени избори, ние сакаме да одиме на редовни избори. Доколку сме предизвикани, се разбира мора да сме подготвени. Немаме намера да предизвикаме предвремени избори. А ако бидеме предизвикани, одиме и ќе победиме“, рече Мицкоски.Тој упати критики кон опозицијата, оценувајќи дека наместо конкретни политики нуди навреди и политички конфронтации.„Во нашиот случај имаме опозиција која има пет политички камикази, излегуваат во јавност, навредуваат, растураат пердуви. Еве начин да покажат, ако се толку силни, да видиме што ќе биде“, изјави премиерот.Коментирајќи ја најавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека во иднина ќе се повлече од челната позиција во партијата, Мицкоски рече дека станува збор за внатрешно прашање на ДУИ.„Тоа се нивни внатрешни работи. Не би сакал ни другите политички партии да се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ, ниту јас со нивните внатрешни работи“, изјави Мицкоски.