На обвинувањата од СДСМ дека евентуални парламентарни избори се алиби бидејќи Владата ги потрошила државните пари и дека државната каса е празна, премиерот Христијан Мицкоски вели дека тоа нема логика. Порача дека „политички кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се редовни или вонредни“.

-Нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има 3-4 кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. Сега кога имаат можност да се покажат на терен и да видат колку ефект имаат нивните навреди, тие бегаат и тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Нашиот став е да нема предвремени избори, ние сме добиле мандат од граѓаните од четири години и сакаме да одиме на редовни парламентарни избори кои што ќе се случат на пролет во 2028 година, но доколку сме предизвикани, ние мора да сме подготвени како и секоја сериозна политичка опција. Кај нас, имаме опозиција од 4-5 луѓе кои јас би ги нарекол политички камикази, кои што излегуваат во јавноста, навредуваат, изнесуваат куп невистини и мислат дека ако ги растурат пердувите дека дел од нив ќе останат несобрани, па некој ќе им поверува. Ако сте толку силни, ајде да видиме што ќе биде. Немаме намера да предизвикаме предвремени избори, истакна денеска Мицкоски од пуштање во употреба на Дом за стари лица во Општина Илинден.

На последните парламентарни избори одржани во 2024 година убедливо победи коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ која има уште две години мандат.