
ВМРО-ДПМНЕ на 17 јуни на стадионот во Струмица ќе го одбележи роденденот на партијата, а потоа ќе започнат разговорите за реконструкцијата на Владата, посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на Домот за стари лица во Општина Илинден.
„После роденденот којшто ќе биде на 17 јуни во Струмица со почеток од 20 часот на стадионот, почнуваме разговори со владините коалициони партнери околу реконструкцијата на Владата“, изјави Мицкоски.
Коментирајќи ги обвинувањата од опозициската СДСМ дека Владата форсира предвремени избори бидејќи ги „потрошила државните пари“, премиерот оцени дека таквите тврдења се нелогични. Тој потенцираше дека партијата има четиригодишен мандат добиен од граѓаните и дека целта е редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година, но нагласи дека се подготвени за избори доколку бидат предизвикани.
„Нема да се мешам во нивната стратегија. Само знам дека, зборувам политички, кога влегувате во втората половина од мандатот, логично е да сте подготвени за избори без разлика дали се тоа редовни или вонредни, на барање на опозицијата. Еве нашата опозиција не бара, нашата опозиција е сокриена, има три-четворица кои држат прес-конференции полни со невистини и навреди, најчесто кон мене. И сега кога имаат можност да се покажат на терен, да видат еве колку ефект имаат тие нивни невистини и навреди кон мене, тие едноставно бегаат. Тоа нема да биде првпат што го прави СДСМ. Тоа веќе во историјата многу пати го направила СДСМ“, кажа Мицкоски.
Текстот По 17 јуни ќе има реконструкција на Владата, најави Мицкоски е превземен од А1он.