Пратениците во Собранието на Црна Гора ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за здравствено осигурување, благодарение на кои жените ќе имаат право на два дена платено отсуство месечно.

Ова право им припаѓа на жените кои имаат секундарна дисменореа, односно болни менструални циклуси предизвикани од органски причини како што се ендометриоза, полипи, миоми…

Иницијативата за измена на законот уште во март оваа година ја поднесе независната пратеничка Јевросима Пејовиќ.

Предлог-законот, со кој се воведува правото на менструално отсуство за жените со дијагностицирана секундарна дисменореа, претходно доби едногласна поддршка од Одборот за здравство, труд и социјална политика и Законодавниот одбор.

Во образложението пишува дека Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за задолжително здравствено осигурување има за цел адекватно регулирање на дијагностицираните патолошки состојби на секундарна дисменореа, со што се елиминираат сите видови предрасуди на работното место и се воспоставува рамнотежа меѓу здравјето и професионалните обврски на жените, пренесува Vijesti.me.

„Со предложеното законско решение на жените со секундарна дисменореа им се признава правото на посебна состојба на привремена спреченост за работа. Секундарната дисменореа подразбира состојба проследена со болни симптоми предизвикани од претходно дијагностицирана гинеколошка патологија“, се наведува.

За посебна состојба на привремена спреченост за работа ќе се смета боледувањето на кое може да се најде жена поради секундарна дисменореа поврзана со патолошки состојби како ендометриоза, миоми, воспаление на јајниците, ендометријални полипи, полицистични јајници или симптоми како што се диспареунија, дизурија, неплодност или пообилно крварење од нормалното.

Дијагнозата на секундарна дисменореа ја утврдува лекар специјалист, а осигуреничките се должни лекарското уверение да го обновуваат најдоцна до 31 декември во тековната година и да му го достават на работодавачот до 30 јануари следната година, се наведува во појаснувањето.