Водата од градскиот водовод во Гостивар може да се користи како техничка вода, односно за оддржување на хигиената и сите потреби во домажинството, но не и за пиење и подготовка на храна.

Ова на денешната прес конфереција го изјавија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и Емилја Аневска, раководител на Секторот за санитарна контрола во ЈП„Водовод и канализација “ – Скопје.

Министерот Тошковски рече дека Центарот за управување со кризи добил резултати од анализите на водата од гостиварската водоводна мрежа, кои покажале дека водата се уште не може да се користи за пиење и готвење.

-Водата во Општина Гостивар ќе може да се користи како техничка вода, истата ќе може да се користи за бањање и за сите потребни работи во домаќинството, но не и за пиење. Согласно мерењата се уште немаме потврда дека може да се користи за пиење, ниту пак за подготвување на храна, изјави Тошковски.

Аневска рече дека екипите на ЈП„Водовод и канализација“ од Скопје заедно со екипи од гостиварскиот водовод зеле примероци од шест локации во Гостивар и дека три последователни дена во сите примероци е забележано отсуство на колиформни бактерии.

-Поради тоа што е вршено хлорирање со поголема концентрација од вообичаената, во примероците не е констатирано присуство на триколометани над дозволените граници. Резултатите се доставени на Кризниот штаб, а со тоа се доставени и на АХВ како надлежен орган. Водата може да се користи како техничка вода, но не и за пиење и готвење. Во следните денови ќе го зголемиме бројот на мерни места во Гостивар и ќе го правиме оној мониторинг согласно правилникот за вода за пиење и со постојан мониторинг, ќе можеме да потврдиме дека водата во следните денови ќе може да биде и за пиење, кажа Аневска.

Министерот информира дека ќе продолжат во обезбедување на флаширана вода за пиење како што правеа во изминатите неколку дена.

-Во коорднација сме со Општината за ова што треба да се преземе. Сакам лично да се заблагодарам на гостиварчани за нивното разбирање, а потоа сите експерти и луѓе кои беа вклучени на терен, како што беа луѓето од од Јавното претпријатие Водовод од Скпје кои ги преземаа сите оние активности за хиперхлорирање и прочистување на апаратурата, која требаше да биде поставена за да дојдеме до оваа фаза кога има техничка вода, изјави Тошковски.

Тој додаде дека се надева дека на сите надлежни, во сите институции и општини во Македонија, овој случај ќе им биде за памет.

-И дека еднаш за секогаш понатаму ќе постапуваат максимално професионално и во рамки на нивните законски утврдени надлежности во контрола на квалитетот на водата, затоа што со здравјето на граѓаните и со нивната безбедност играње нема, изјави Тошковски.

Во одговор на новинарско прашање, министерот рече дека засега не може да сподели дополнителни информации за истрагата од оние кои претходно беа дадени и од Обвинителството.

За случајот, Основното јавно обвинителство од Гостивар поведе постапка против три лица, меѓу кои и директорката на гостиварското јавно претпријатие „Водовод“ Артана Асани, како и двајца раководители на сектори во претпријатието. Според Обвинителството, тие одобриле поставување на три пумпи од отвореното корито за отпадни води и ги поврзале со главниот цевковод од водоводната мрежа на Гостивар.

Како резултат на оваа активност отпадните води, меѓу кои најмногу од фекално потекло го затруја водоводот, што предизвика здравствени проблеми кај населението со појава на повраќање, дијареја, зголемена температура и малаксаност. Досега над 4.000 луже побарале лекарска помош, затоа што пиеле од водата во која Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство најдоа колиформни бактерии.

Е.Б.