Водата од гостиварскиот водоводен систем може да се користи само како техничка вода, но сè уште не е дозволена за пиење и за подготовка на храна, информираше министерот за внатрешни работи и претседател на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Панче Тошковски.

Тој посочи дека по повеќекратните анализи и испитувања на водата, експертските тимови потврдиле дека состојбата е подобрена, но дека сè уште нема официјална потврда за нејзина употреба како вода за пиење.

„По повеќекратни испитувања добивме потврда од експертите дека водата може да се користи како техничка. Но, повторно нагласувам, не може да се користи за пиење или за приготвување храна“, изјави Тошковски.

Тој информираше дека продолжува дистрибуцијата на флаширана вода за жителите на Гостивар, како и во изминатите денови, во координација со локалната самоуправа.

Министерот изрази благодарност до граѓаните за трпението и разбирањето, како и до сите експерти и екипи кои беа ангажирани на терен во процесот на хиперхлорирање и санација на системот.

„Се надевам дека наскоро ќе можеме да ја информираме јавноста кога водата повторно ќе биде безбедна за пиење“, рече Тошковски.

Тој упати апел до сите директори на јавни претпријатија и одговорни лица кои имаат надлежности поврзани со водоснабдувањето, да постапуваат максимално професионално и одговорно.

Според него, квалитетот на водата и здравјето на граѓаните мора да бидат највисок приоритет и со нив не смее да има компромиси.

The post Тошковски: Водата во Гостивар е подобрена, но не е безбедна за пиење appeared first on Скопско ЕХО.