Вечерва во паркот во Богданци се одржува мирен протест, известува ТВ Телма. Жителите на ова мало место, кои се целосно затекнати и во неверување од незапаметеното злосторство, излегоа да запалат свеќи и да побараат одговорност за трагичната смрт на 17-годишната Билјана Кириќ.

„Нејзиниот глас е замолчен, но нашиот мора да биде погласен од кога било“, се наведува во повикот објавен на социјалните мрежи. Иницијаторите порачуваат дека фемицидот мора да се спречи пред да се случи и дека институциите треба навреме да реагираат за да се заштитат животите на жените.

Ова е седми случај на фемицид од почетокот на 2026 година. Случајот со 21-годишниот Виктор и 17-годишната Билјана уште еднаш го вклучија алармот во Македонија. Според првичните информации, момчето било обесено на дрво, а во автомобил кој горел било безживотното тело на 17-годишната средношколка. Момчето и девојката претходно биле во врска. По раскинувањето, девојката во неколку наврати го има пријавувано момчето за загрозување на безбедноста и физички напади.

Претходното насилство било евидентирано во полицискиот билтен од 1 октомври. Според тогашната информација од МВР, нападот се случил на 30 септември, околу 21 часот, во домот на момчето во Богданци. олицијата го лишила од слобода 21-годишникот на 1 октомври во 1:10 часот. За пријавениот напад бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а МВР најавило соодветна пријава по документирањето на случајот.

МВР денеска соопшти дека во периодот јануари – септември 2026 година регистрирани 1.337 кривични дела од семејно насилство Во периодот од јануари до септември 2026 година, на територијата на државата регистрирани се 1.337 кривични дела од областа на семејното насилство, за кои се пријавени 1.388 сторители, од кои 1.278 мажи и 110 жени, како и 1.433 жртви, од кои 289 мажи и 1.144 жени.

Во истиот период регистрирани се 191 прекршок поврзан со семејно насилство, за кои се пријавени 228 сторители (196 мажи и 32 жени) и 221 жртва (126 мажи и 95 жени).

Дополнително, евидентирани се 3.869 поплаки за семејно насилство, при што се пријавени 3.971 сторител, од кои 3.090 мажи и 881 жена, како и 3.961 жртва, од кои 1.394 мажи и 2.567 жени. Полицијата упатува апел до граѓаните да не молчат и да не го премолчуваат семејното насилство, туку навремено да го пријавуваат секој случај.