
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, по вонредна координација со координаторите на пратеничките групи, го повлече од дневниот ред на 119. седница Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој требаше да се разгледува по скратена постапка.
При утврдувањето на дневниот ред, Гаши не ја стави точката на гласање, ниту образложи зошто е повлечена, што предизвика реакции од пратениците на ДУИ.
Поранешниот собраниски спикер и пратеник Талат Џафери оцени дека е прекршен Деловникот, наведувајќи дека претседателот на Собранието не може самостојно да го менува дневниот ред што го предложил, туку тоа може да го направи само предлагачот.
Пратеничката Рина Ајдари побара јавно да се образложат причините за повлекувањето на законот.
„Добро би било многу сериозно да се преземе почитување на Деловникот на Собранието. Вие нè повикавте на вонредна координација. Треба да образложите зошто се трга од дневен ред точката за проектот ‘Скопје 2028’… Должни сте да дадете објаснување“, рече Ајдари.
Одговарајќи на забелешките, Гаши изјави дека повлекувањето било договорено на координацијата поради процедурални забелешки.
„Главен проблем во предлог-законот за ‘Скопје 2028’ беа процедуралните забелешки и изнајдовме компромис таа точка да биде симната од дневен ред. Затоа не го повикав претставникот на предлагачите да го образложи законот“, рече Гаши.
И пред почетокот на седницата, ДУИ, Алијансата за Албанците и Албанската лига реагираа дека не се испочитувани роковите од Деловникот, дека материјалите не биле доставени најмалку десет дена однапред и дека не бил испочитуван албанскиот јазик. Гаши возврати дека Деловникот овозможува свикување итни седници во пократок рок и оцени дека со процедуралните забелешки се блокира работата на Собранието.
Со предложените законски измени, поднесени од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, требаше да се уреди начинот на спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ преку веќе формираната Фондација „Скопје 2028“. Предлогот предвидуваше фондацијата при спроведувањето на проектот да не биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки, што предизвика реакции од опозицијата, антикорупциските организации и дел од културната јавност. Предлагачите, пак, тврдат дека ваквиот модел е неопходен за да се обезбеди професионална, независна и ефикасна реализација на проектот.
Предлог законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина за 2028 година“ ќе се разгледува кога ќе се создадат услови за тоа, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и координатор на пратеничката група на партијата, Никола Мицевски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој беше прашан за коментар за симнувањето од дневен ред на Законот за прогласување на Скопје – Европска престолнина за 2028 година.
-Согласно она што како пратеници и она што е очекување на сите граѓани, а тоа е Скопје да биде Европска престолнина за 2028 година, се направи одредено законско решение коешто денес беше поднесено од страна на пратеници. Истото беше најавено, на денешната седница, беше ставено како точка на дневен ред. По реакции од опозицијата, на вонредна координација којашто се одржа во текот на самата седница, и врз основа на заеднички разговори донесена е одлука, поради дополнителни разгледувања и поради барање на опозицијата како и надминување на одредени работи коишто им се нејасни во самото законско решение, истата да биде повлечена денеска од дневен ред, рече Мицевски.
Тој додаде дека законот постои во собраниска процедура, но, ќе се разгледува после одморите, или кога ќе се создадат услови за тоа.
Текстот ВИДЕО: Гаши го тргна од дневен ред спорниот предлог-закон за „Скопје 2028“ е превземен од А1он.