
Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ е повлечен од дневен ред, откако во јавноста предизвика бројни реакции и критики поврзани со предложениот начин на трошење на јавните средства и процедурите за набавки. Одлуката за повлекување ја поздрави Либерално-демократската партија, од каде оценија дека тоа е резултат на притисокот од јавноста, антикорупциските институции и граѓанските организации.
Од партијата сметаат дека повлекувањето на законското решение претставува успех на антикорупциската јавност, Државната комисија за спречување на корупцијата, граѓанските организации, како и на нивната претседателка и пратеничка Моника Зајкова, кои, според нив, се спротивставиле на неговото усвојување по скратена постапка.
„Ова е директна победа на силниот притисок од антикоруптивната јавност, ДКСК, граѓанските организации, како и на нашата претседателка и пратеничка, Моника Зајкова, кои не дозволија по скратена постапка да се протурка закон чија единствена цел беше суспендирање на Законот за јавни набавки за сума во висина од 21 милион евра“, соопштија од ЛДП.
Партијата повторува дека проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ треба да се реализира со целосна транспарентност и во согласност со законските процедури, а не, како што наведуваат, преку исклучоци од правилата за јавни набавки.