
На денешното судско рочиште за предметот „Државна Лотарија“, на прашањето од обвинителот за екс-директорката, Катица Николовска- Прнаркова, каков став имала за формирање на новото друштво за организирање на електронски игри на среќа, сведокот Андреј Крстевски рече дека непосредно се зборувало дека била против и поради тоа е дојдено до нејзина промена.
-За набавката на ВЛТ ме повика Перпарим Бајрами во неговиот кабинет каде ми беше претставена идејата за разбивање на монополот и за либерализација дека има план да се набават ВЛТ апарати. Но, кај мене не стигна никаков материјал да се произнесам за тоа. Сметам дека ние требаше да се изјасниме како членови на Управен одбор за набавките на ВЛТ, рече Крстевски.
Сведокот истакна дека за купување на апаратите разбрале по завршување на набавката од членови на комисијата кои требало да одлучуваат за набавката.
-Мислам дека не беа ставени во функција, туку во некој наш магацин, кажа сведокот. На прашањето што му е познато за односот меѓу Груби и Бајрами, тој кажа:
-Освен дека беа пријатели и дека потекнуваат од иста партија и одат на партиски состаноци, Перпарим Бајрами го ословувaше како шефот.
На прашање од обвинетиот Бајрами дали освен на ЗУМ гласале и на Вибер групи, сведокот рече дека имало такви, но дека на нив не се гласало.
-Точно ли е дека на ниеден од записниците од седниците на Влада немало забелешка дека нема време да ги разгледаат материјалите за гласање, праша Бајрами, на што сведокот рече дека е така.
На вкрстенoтo испрашување дали е точно дека гласале за финансискиот план со кој биле предвидени набавките на апаратите, сведокот рече дека е точно, но смета дека требало посебно да се произнесат како Управен одбор.
-Дали е точно дека Катица Николовска-Прнаркова имала блиски односи со Казинос Австрија која има договор за приредување игри на среќа, праша одбраната. Судот го одби приговорот на Обвинителството и го дозволи прашањето на одбраната.
Сведокот на тоа рече: „Да,точно е“.
-Рековте дека прво ве контактирала Надица, раководител на правната служба во Лотарија, точно ли е, праша одбраната, по што тој повторно одговори потврдно.
Крстевски кажа и дека не се сеќава дали била завршена набавката кога дознал од неа.
Во овој случај им се суди на поранешниот директор на „Државна Лотарија“, Перпарим Бајрами, кој е во притвор, на поранешниот вицепремиер Артан Груби, на Методија Димовски, Скендер Мехмети, Фатмир Рамадани, Бојан Јанев, Александар Димитровски, Башким Авди за злоупотреба на службена положба при набавка на апарати за организирање на електронски игри на среќа и дека го оштетиле Буџетот на државата за 7,9 милиони евра.
Е.Б.