На денешното рочиште од судењето за случајот „Државна Лотарија“ како сведок на Обвинителството сведочеше, Андреј Крстевски, вработен како советник за имплементирање на проекти во кабинет на генералниот директор на Државна лотарија. Судијката го поучи дека не мора да одговара на прашања со кои би си нанел штета или тежок срам на себе и своето семејство, а лажно сведочење е кривично дело. На прашање од обвинителот од кога е вработен и дали претходно извршувал функции во државното претпријатие, тој рече дека од јуни 2021 до март 2022 година бил член на Надзорен одбор, член на Управен одбор на Државна лотарија од март 2022 до октомври 2024 година и заменик директор.

-Членовите на Надзорен и Управен одбор се бираа на предлог на политичките партии кои минале претходно партиски филтер. Сега сум член на партијата граѓанска иницијатива Грин, а кога бев член на Надзорен и Управен одбор, бев член на ЛДП, рече сведокот Крстевски на прашање од Обвинителот.

Тој на прашање на обвинителите рече дека кога бил член на Надзорен и Управен одбор директор на Државна лотарија била Катица Николова Пeрнаркова, а нејзин заменик бил Перпарим Бајрами, а дека кога бил именуван за директор Бајрами околу еден месец Катица Николова му била заменик околу еден месец.

-Во време на Катица материјалите беа давани во текот на денот и имаше време да се разгледаат и во време на корона, седниците се одвиваа на ЗУМ. За време кога директор беше Перпарим материјалите ги даваа подоцна и немаше време многу да се разгледаат, рече сведокот.

На прашањето од Обвинителот дали некој пд директорите им давал појаснување од директорите пред гласањето, сведокот рече дека материјалите ги добивале на мејл.

-Објаснувањето за одлуките кои требаше да се донесат се објаснуваа на ЗУМ, а во време на Катица немаше време да ги објаснува директорот, но ни беше достапна правната служба, рече сведокот.

Обвинителот праша што му е познато за формирање на друштвото Ново ВЛТ, а приговараат одбраната дека тоа е небитно, бидејќи не е поврзано до конкретното обвинение.

-Сметаме дека е релевантно за конкретниот случај, бидејќи се работи за правото на организирање електронски игри на среќа и начинот на кој ова право ќе биде користено од Државна лотарија. И одбраната има докази за ова друштво, рече обвинителот Александар Давчевски.

Судот го одби приговорот на одбраната.

-Тоа беше пред завршување на мојот мандат како член на Надзорен одбор, беше доставена буквално 5 до 12 и требаше најбрзо да се произнесе. Прво се јави Надица од Правната служба побрзо да се произнесе бидејќи имало притисок од Влада. Потоа се јави некој асистент од Влада, не можам да се сетам кој и ми беше речено дека одлуката е во ред и дека треба да се произнесат, рече сведокот Крстевски.

На прашањето од Обвинителот дали нему му е вршен притисок, тој одговори дрка не му е вршен притисок.

-Бидејќи бев член на Надзорен одбор и физички не бев присутен во Државна лотарија не знам од каде е идејата за основање на Ново ВЛТ, рече сведокот на денешното рочиште.

Е.Б.