
Единицата за финансиски криминал при МВР поднесе кривична пријава против три лица поради сомнение за коруптивни кривични дела поврзани со полагање стручен испит за здравствени работници од областа на стоматологијата.
Пријавите се поднесени до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против 27-годишна студентка од Битола, 56-годишен професор од Гостивар и 63-годишно лице од Скопје.
Според МВР, студентката е осомничена за „давање награда за противзаконито влијание“, професорот за „примање награда за противзаконито влијание“, а третото лице за „примање поткуп“.
Од полицијата информираат дека при претреси кај двајца од пријавените биле пронајдени и одземени парични средства во износ од 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.
Според наводите во пријавата, студентката во декември 2025 година, преку комуникација на апликацијата Вибер, стапила во контакт со професорот, кој во тој период бил професор на Стоматолошкиот факултет и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора.
МВР тврди дека таа му дала парични средства преку банкарска трансакција со цел тој да изврши влијание врз претседателот на Комисијата за полагање стручен испит при Министерството за здравство.
Според истрагата, целта била да се овозможи добивање уверение за положен стручен испит. Полицијата наведува дека студентката на испитната сесија на 17 декември 2025 година се стекнала со уверение иако, според сомненијата, не го поседувала потребното знаење за положување.
МВР продолжува со преземање мерки и активности во рамки на случајот, а за понатамошната постапка ќе одлучува надлежното обвинителство.