
Три лица се осомничени за местење стручен испит на Стоматолошкиот факултет, откако Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против студентка, универзитетски професор и претседател на испитна комисија.
Според истрагата, 27-годишна студентка од Битола во декември минатата година му префрлила пари на 56-годишен професор од Стоматолошкиот факултет од Гостивар, кој воедно бил и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора. Целта, според МВР, била тој да влијае врз претседателот на Комисијата за полагање стручен испит при Министерството за здравство за таа да го положи испитот.
Полицијата тврди дека студентката на 17 декември 2025 година полагала пред Комисијата и добила уверение за положен стручен испит, иако, според сомневањата, не го поседувала потребното знаење.
„Пријавената А.Т. како студент на Стоматолошки факултет со намера да се стекне со Уверение за положен стручен испит на здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата, во декември 2025 година по повеќекратна комуникација преку на платформата Вибер, на пријавениот С.Ч., професор на Стоматолошки факултет и поранешен Потпретседател на Стоматолошка комора му дала награда во вид на парични средства кои му ги префрлила на неговата банкарска трансакциска сметка. Парични средства му биле дадени на С.Ч. со цел истиот да изврши влијание кај пријавениот С.Е. во својство на Претседател на Комисијата за полагање на стручен испит на здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата при Министерството за здравство, при што пријавената А.Т. во декемвриска испитна сесија полагала на 17.12.2025 пред формираната комисија и без да го поседува потребното знаење се стекнала со Уверение за положен стручен испит“, информираат од МВР.
Кривична пријава е поднесена и против 63-годишен скопјанец, кој бил претседател на Комисијата за полагање стручен испит на здравствени работници од областа на стоматологијата при Министерството за здравство. Тој е осомничен за примање поткуп.
Во текот на претресите во домовите на професорот и претседателот на Комисијата, полицијата запленила 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.
Случајот е доставен до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое ќе ја води понатамошната постапка.
The post ПЛАТИЛА ЗА ДА СТАНЕ ЗАБАРКА Истрага за купен стручен испит во стоматологијата, поднесени три кривични appeared first on plusinfo.mk.