Случајот со масовното труење во Гостивар повторно ја отвори дилемата колку е безбедна водата за пиење во македонските градови.
Додека институциите сè уште ги утврдуваат причините за загадувањето во Гостивар и бараат решение за нормализирање на водоснабдувањето, нови предупредувања пристигнуваат и од други општини.
Центарот за управување со кризи соопшти дека водата во повеќе реони во Крушево е микробиолошки неисправна, поради што на граѓаните им е препорачано да не ја користат за пиење. Од крушевска „Комуна“ советуваат да се користи флаширана вода, а за подготовка на храна водата задолжително да се преврива најмалку десет минути.
Претходно, проблеми со квалитетот на водата беа регистрирани и во Валандово, што дополнително ја зголеми загриженоста кај граѓаните. Иако станува збор за различни случаи кои не мора да имаат иста причина, тие отворија прашања за состојбата на водоснабдителните системи, редовниот
мониторинг и брзината на институционалните реакции.
Во меѓувреме, надлежните уверуваат дека во градовите каде нема утврдена неисправност, водата е безбедна за употреба и апелираат граѓаните да ги следат само официјалните информации.
Настаните од последните денови покажуваат дека безбедноста на водата за пиење повторно станува едно од најважните прашања за јавното здравје во Македонија.
The post Што се случува со водата за пиење во македонските градови? appeared first on Прва Скопска ТВ.