Рускиот претседател Владимир Путин синоќа ги отфрли приказните што кружат во западните земји за наводен претстоен руски напад врз НАТО, опишувајќи ги таквите тврдења како апсурдни и „намерна манипулација“, а во исто време рече дека Русија е подготвена за мир со Украина и дека е потребно некој што е неутрален да посредува во преговорите со таа земја.

„Која е поентата да се напаѓа Европа и да се бориме против НАТО? Ова не е само бесмислица, тоа е намерна провокација дизајнирана да создаде закана што всушност не постои и да го принуди населението на нивните земји да троши повеќе пари за одбрана“, рече Путин во разговор со раководителите на водечките меѓународни новински агенции на маргините на Меѓународниот економски форум (SPIEF) во Санкт Петербург, кој траеше околу два часа.

Замолен да ја коментира изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој рече дека војната во Украина е „катастрофа за Русија“, Путин рече дека реалноста на терен покажува поинаку, пренесува РИА Новости.