Женската одбојкарска репрезентација на Македонија со пораз го започна настапот во годинашното издание на Европската лига, откако во Порто загуби од селекцијата на Унгарија со 3:0 во сетови (25:14, 25:21, 25:11).
Македонските одбојкарки добро го отворија натпреварот и во првиот сет долго време беа рамноправен противник. Сепак, по резултатот 13:15 следуваше голем пад во играта, што Унгарија го искористи за убедливо да го добие сетот со 25:14.
Најдобрата игра нашата селекција ја прикажа во вториот сет. Македонија поведе со 3:0 и долго време ја одржуваше предноста, но искусните Унгарки успеаја да направат пресврт и да поведат. Иако избраничките на Милош Гавриловиќ се бореа до самиот финиш, сетот заврши во корист на противникот со 25:21.
Во третиот сет Унгарија уште на стартот создаде висока предност и целосно го контролираше натпреварот. Македонските одбојкарки не успеаја да пронајдат ритам, па ривалот го доби сетот со 25:11 и го завери триумфот.
Најефикасна во македонскиот состав беше Андротеа Милевска со девет поени, додека Ива Стојковска освои седум. Љиља Ковачевиќ натпреварот го заврши со пет поени.
Следниот предизвик за Македонија во Европската лига е утре, кога ќе се соочи со домаќинот Португалија во натпревар закажан за 19:30 часот.
The post Пораз од Унгарија за женската одбојкарска репрезентација во Порто appeared first on Скопско ЕХО.