
Сопствениците на недвижен имот во Скопје во наредниот период може да очекуваат повисоки решенија за данок на имот, откако Советот на Град Скопје го усвои новиот Правилник за унифицирање на цените на земјиштето. Со него треба да се изврши усогласување на даночните основи со реалните пазарни вредности на недвижностите. Жителите на општините Центар и Карпош, каде веќе се спроведува репроценка на имотот ќе добијат нови даночни решенија со пресметки направени според ажурираните вредности. Планот е постепено истиот процес да се прошири и на останатите скопски општини.
Од Град Скопје за „Локално“ објаснуваат дека промените се резултат на потребата од усогласување на даночниот систем со состојбите на пазарот на недвижности.
-Согласно законските обврски и методологијата за процена на вредноста на недвижниот имот, даночната основа треба да се темели на реалната пазарна вредност. Поради тоа, потребно е периодично ажурирање на податоците, имајќи предвид дека во изминатите години дојде до значителен раст на цените на недвижностите, велат од Град Скопје за „Локално“.
Оттаму посочуваат дека во изминатиот период постоел голем јаз меѓу реалните продажни цени и вредностите според кои се пресметувал данокот. Во дел од случаите, станови кои на пазарот се продавале по значително повисоки цени, биле даночени според стари проценки.
Новите даночни основи ќе се пресметуваат врз основа на податоци за реалните купопродажни договори и вредностите по кои се врши прометот со станови, куќи и земјиште.
-Граѓаните кои на почетокот на јули ги добија електронските решенија за данок на имот за 2026 година со непроменети износи треба да имаат предвид дека по завршувањето на репроценките може да следуваат дополнителни решенија со нови, повисоки износи, информираат од градот.
Покрај данокот на имот, скопските компании се соочија и со промена кај фирмарината, односно Град Скопје го врати износот на фирмарината на 8.000 денари годишно, откако во периодот на ковид-пандемијата таа беше намалена на 4.000 денари.
Објавата за враќањето на повисокиот износ предизвика реакции во деловната заедница, особено кај микро и малите претпријатија, кои сметаат дека фиксниот износ создава нееднакво оптоварување за компаниите со различна големина и финансиска моќ.
Иако локалните власти тврдат дека не се воведува нов дополнителен товар, туку се укинува привремената поволност што важела во периодот на пандемијата, дел од стопанствениците сметаат дека системот треба да биде пофлексибилен и да ги земе предвид разликите меѓу големите компании и малите бизниси.
Со новите промени, и граѓаните и компаниите во наредниот период ќе треба да се подготват за нови повисоки давачки.
Б.С.