Владата не отстапува од планот новиот клинички центар во Скопје да биде изграден во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, со директна подземна врска до Градската општа болница „8 Септември“. Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите, нагласувајќи дека според направените анализи токму оваа локација нуди најдобри услови за развој на современ здравствен комплекс.

Според него, земјиштето предвидено за изградба на новиот клинички центар моментално е во приватна сопственост, поради што Владата води разговори со сопственикот за негово преземање. Како можност се разгледува размена на парцели, односно модел „земја за земја“, со цел да се обезбеди просторот потребен за реализација на проектот.

Мицкоски истакна дека преговорите се движат во позитивна насока и изрази задоволство од досегашниот тек на разговорите. Тој потенцираше дека на оваа локација би се формирал интегриран медицински комплекс кој би ги поврзал постојните здравствени капацитети, меѓу кои ГОБ „8 Септември“, ПЕТ-центарот и Поликлиниката „Букурешт“.

Премиерот оцени дека западниот дел на Скопје располага со соодветна сообраќајна инфраструктура и просторни можности за изградба на модерен клинички центар, што, според Владата, го прави ова решение најфункционално и најисплатливо на долг рок.

Инаку, идејата новиот клинички центар да биде лоциран во близина на болницата „8 Септември“ беше најавувана и претходно, а како главни предности се наведуваат добрата пристапност, можноста за поврзување на повеќе здравствени установи и создавање единствен медицински кампус.

The post ПАДНА ОДЛУКАТА! МИЦКОСКИ ОТКРИ КАДЕ ЌЕ СЕ ГРАДИ НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО СКОПЈЕ! appeared first on Politika.