
Владата останува на ставот дека Клиничката болница во Скопје треба да се гради во близина на базенот кај спортската арена „Борис Трајковски“ и оти тоа е најдобро решение. Ова вчера го потврди премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со медиумите.
-Дефинитивно остануваме на ставот дека Клиничката болница во Скопје треба да се гради на платото пред базенот „Борис Трајковски“. Тоа е земјиште кое е во приватна сопственост. Преговараме со приватниот сопственик и сакаме тука да го направиме сето тоа да може со подземен тунел да се поврзе со актуелната болница 8 Септември. Тука ни е пет-центарот и поликлиниката Букурешт и тоа ќе биде еден целосен заокружен комплекс, рече Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека со сопственикот на таа приватна парцела преговараат да се направи трампа земја за земја и да се види до каде ќе се стигне. Досега, како што рече, е задоволен од тоа како течат преговорите.
Мицкоски и претходно најавуваше можна изградба на новиот клинички центар на локацијата каде што се наоѓа Градската општа болница „8 Септември“, особено поради добрата сообраќајна инфраструктура.