Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека случајот со Алта банка е увезен проблем. Тој соопшти дека менувачниците во Србија ја ограничиле сумата за менување на пари од динари до 300, 400 евра. Се надева дека најцрното сценарио во Србија ќе биде избегнато, бидејќи вели, северниот сосед е значаен трговски партнер за Македонија.

-Голем број на наши компании соработуваат со српски компании и многумина од тие компании ми се јавуваат и ме прашуваат што понатаму бидејќи нивните партнери од Србија имаат блокирани средства во Алта банка – дел од нив и банкротирале. Се надевам дека таму за многу скоро Влада ќе биде формирана и ќе води проевропска реформска политика, нешто што на нас ни е важно, рече премиерот од пуштање во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во Општина Валандово.

Мицкоски вели дека „од петни жили“ бараат да најдат купец кој што ќе ја купи битолската Алта банка. Тврди дека банката е во одлична состојба. Премиерот најави дека во наредните денови, со гувернерот Трајко Славески и министерката Гордана Димитриеска-Кочоска ќе имаат повеќе средби со финансиски институции кои би можеле да ја купат Алта банка.

-Целта е да се спаси бидејќи станува збор за здрава финансиска институција, потенцира Мицкоски.