Цената на топлинската енергија од 1-ви август се зголемува во просек за 5,96% за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ производство на топлина. Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената на топлинската енергија за потрошувачите на поранешна топлана Скопје Север, сегашна „Енерџи Еколинк“, се зголемува во просек за 3,6%, а за ЕСМ Енергетика зголемувањето е за околу 5% за домаќинствата.

-Според наша симулација, за стан од шеесетина квадрати месечно граѓаните ќе плаќаат околу 140 денари повеќе, поточно сметката од 2353 денари се зголемува на 2493 денари, изјави за „Локално“, директорот на РКЕ, Ацо Ристов.

Во одговор на новинарски прашања, тој рече дека лани немало исклучување од системот на парно греење на ниеден корисник. За една грејна сезона има ново приклучени 1521 потрошувачи, а вкупно 67.494 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.

-Вие го следевте процесот од почеток и јавноста е веќе информирана дека барањата на енергетските компании се движеа од 30% до 130%. Она што е клучно во периодот што следува и кое што ние го подржуваме е спојување на сите компании на ЕСМ за топлинска енергија, а со цел оптимизирање на ресурсите и зголемување на ефикасноста, што би значело поволна цена за потрошувачите, изјави Ристов.

Тој додаде дека резултатите од направените аналзии укажуваат дека на годишно ниво жителите на Скопје кои се греат на топлинска енергија имаат најнизок годишен надоместок, за разлика од жителите на Белград, Љубљана, Софија и Сараево.

-Има 40.000 јавувања но тоа не значи дека сите се за интервенција, најчесто се работи за подстаниците кои ги имаат во зградите каде што има нефункционално трошење на топлината, рече Ристов.

Е.Б.