Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце – Крива Паланка, се реализира со напредок од 36 проценти, а целосното железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија се очекува да биде завршено до 2031 година. Ова денеска го соопшти министерот за транспорт Александар Николоски при увидот во градежните активности на Коридорот 8.

Според Николоски, станува збор за еден од најкомплексните инфраструктурни проекти во државата, со должина од 34 километри, на кој се градат 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници и три подвозници. Дополнително, предвидени се три железнички стојалишта, две станични згради и три сервисни објекти.

Тој посочи дека пругата е проектирана за брзини од 100 до 120 километри на час, а највисоките мостовски столбови достигнуваат висина од 61 метар. Конструктивните работи се реализирани околу 31 процент, додека вкупниот напредок на проектот изнесува 36 проценти.

Министерот најави дека до крајот на 2028 година се очекува по новата делница да започне железнички сообраќај, по што ќе следува изградбата на третата делница кон границата со Бугарија. За неа веќе е распишан тендер за избор на надзорен орган, а наскоро се очекува и тендер за изведба.

Николоски истакна дека целта е до 2031 година да биде завршена целата железничка врска со Бугарија, вклучително и заедничкиот тунел што треба да се гради со бугарска страна.

Коридорот 8 е дел од европската транспортна мрежа што ги поврзува Јадранското и Црното Море, а според Николоски, НАТО го има прогласено за втор најважен безбедносен коридор во Европа.

Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, нагласи дека станува збор за проект кој повеќе од три децении бил без значајни активности, а денес се реализира со интензивна динамика и напредок од околу 37 проценти.

The post Николоски: Железничката врска со Бугарија ќе биде готова до 2031 година appeared first on Прва Скопска ТВ.