
Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце–Крива Паланка, напредува со засилена динамика, станува збор за еден од најкомплексните и најголеми инфраструктурни проекти што се реализирaaт во Македонија, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски кој заедно со дитекторот на ЈП МЖ Инфраструктура и претставници од изведувачот Ѓулермак извршија увид на градежните работи на трасата.
Николоски при посетата истакна дека проектот претставува инженерско достигнување, пругата е дел од стратешкиот НАТО Коридор 8, кој ја поврзува Македонија со Бугарија и Црното Море.
-Се работи за исклучително предизвикувачки проект кој опфаќа изградба нови три станици, Кратово, Романовце и Гиновце, 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници, три подвозници. Имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот, ова ќе биде железница на која возовите ќе сообраќаат со брзина од 100 до 120 километри на час, што во вакви услови е навистина одлично решение, изјави Николоски.
„Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце – Крива Паланка, се реализира со вкупен напредок од 36 проценти, а целото железничко поврзување со Бугарија се очекува да биде завршено до 2031 година“, додаде министерот.
Тој нагласи дека мостовите што се градат претставуваат инженерско чудо, со столбови високи до 61 метар, што е повеќе од двојно повисоко од просечна осумкатна станбена зграда.
-Највисокиот столб кој што се гради е цели 61 метар. Само за споредба, просечна зграда, некаде од 7-8 ката, е во висина од 24-25метри, што значи дека тука зборуваме за згради кои што би биле од 10-20 ката, кога овие столбови би ги преселиле во една урбана средина, потенцираше министерот Николоски.
Во рамки на проектот ќе бидат вградени десетици илјади тони арматура и вкупно 125.000 кубни метри бетон. Николоски информираше дека напредокот кај конструктивните работи достигнал 31 процент, додека вкупната реализација на проектот е 36 проценти.
-Очекувам до октомври 2028 година тука веќе да оперираат возови. Ова е дел од Коридорот 8 источно крило, по изградбата на втората делница секако ќе ја градиме и третата. За истата во соработка со Европската инвестициска банка, ЕБОР и ЕУ од каде што имаме грант, сакам да се заблагодарам. Веќе е објавен тендер за избор на Надзорен орган, а очекувам во следните неколку недели, во соработка со ЕБОР и ЕУ, да го објавиме и тендерот за изведба, како би можеле конечно Македонија со пруга да ја поврземе со Бугарија, односно Скопје да го поврземе со Софија, а оттаму и со Црното Море, додаде вицепремиерот Николоски.