Во текот на денешниот ден до 18:00 часот се регистрирани вкупно осум пожари на отворен простор низ земјава. Од нив, два пожари сè уште се активни, еден е ставен под контрола, додека пет се целосно изгаснати.

Активни се пожарите во општина Босилово, во селото Старо Балдовци, каде што гори ѓубре, како и во општина Ново Село, во селото Бајково, каде што е зафатена ниска вегетација и мешана шума.

Под контрола е пожарот во општина Крушево, во атарот меѓу селата Пуста Река и Цер, каде што гореле депонија и сува трева.

Во текот на денот се изгаснати пет пожари на отворен простор. Пожари биле пријавени во општина Долнени, меѓу селата Дебреште и Ропотово, во општина Берово, во селото Будинарци, во општина Кисела Вода на улицата „Саса“ во населбата Пинтија, во општина Куманово, на месноста Пармакови Ниви, како и во општина Гевгелија, во близина на месноста Мрзенци.

Надлежните институции продолжуваат со следење на состојбата на терен и апелираат до граѓаните на внимателно и одговорно однесување, особено во периодот со зголемен ризик од пожари.

The post Надлежните со нов биланс: Два активни пожари и еден под контрола appeared first on Скопско ЕХО.