
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата си ја завршила работата за труењето во Гостивар, во поглед на нејзината надлежност. Според него, бил информиран од ИЈЗ дека нивната ингеренција е завршенаа и предадена до Обвинителството. Истовремено, вели премиерот дека обезбедиле 50 илјади литри флаширана вода за гостивари и тоа ќе биде секој ден се додека не се реши проблемот со градскиот водовод.
Мицкоски оценува дека локалната власт во Гостивар е во летаргија и поради тоа Владата презела мерки.
-Сега треба гостиварскиот Водовод да пристапи кон прочистување на системот за да може граѓаните да ја користат водата за технички потреби. Што се однесува до моралната одговорност, сите од прв до последен треба да понесат одговорност, покрај тоа што Обвинителството ќе се занимаваа со друга одговорност. Од градоначалникот па надолу сите треба да понесат одредена морална одговорност. Ние како Влада ќе продолжиме со иницијативи за да го олесниме животот на гостиварци, додаде премиерот од посетата на Општина Велес.
ВМРО-ДПМНЕ одговорноста ја лоцира во СДСМ, ДУИ и партијата на Таравари. „Пред избори ветуваа подобар живот денес гостиварчани ги оставија без елементарни услови“, коментираат од владејачката партија од каде ја обвинија локалната власт дека доцни со реакција и бараат одговорност за случувањата.
И локалната власт ќе чека одговор од надлежните институции, дали канализациска вода се измешала со водоводниот систем и е причина за здравствените проблеми на над 1.000 граѓани.