Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата морала да интервенира во Гостивар поради, како што рече, недоволната реакција на локалната самоуправа, откако во општината беше прогласена епидемија на гастроентеритис.
Тој посочи дека дел од надлежностите се на Општина Гостивар, но нагласи дека Владата не можела да остане пасивна.
„За сè што го правиме во Гостивар, дел од ингеренциите се под надлежност на локалната самоуправа, но кога кај нив има летаргија, мора да се реагира како Влада“, изјави Мицкоски.
Според него, институциите во рок од два дена целосно се мобилизирале за справување со состојбата. Додаде дека утринава добил информација од Институтот за јавно здравје дека сите анализи и активности што биле во нивна надлежност се завршени и доставени до Основното јавно обвинителство, кое сега треба да ја продолжи постапката.
Мицкоски информираше дека Владата обезбедила 50.000 литри флаширана вода за жителите на Гостивар, а најави дека ваквата помош ќе продолжи и во наредните денови. Според него, денеска се очекува пристигнување на уште три шлепери со околу 60.000 литри вода, кои ќе бидат распределени до граѓаните.
Тој очекува Јавното претпријатие „Комуналец“ од денеска да започне со чистење на водоводниот систем за да се обезбеди техничка вода, бидејќи препораките на Институтот за јавно здравје и понатаму се водата од градскиот водовод да не се користи.
Премиерот оцени дека мора да има морална одговорност од сите надлежни во Општина Гостивар, а најави и детална анализа на изградбата на водоводниот систем, кој беше завршен пред околу една година.
„Сигурно има надзор кој го потпишал извештајот, согласно Законот за градење мора да постои надзор. Сè ќе биде анализирано. Од страна на Владата, за само два дена се преземени сите неопходни мерки. Дел од работите не се во наша надлежност, но кога има летаргија, моравме да реагираме“, порача Мицкоски.
The post Мицкоски: Локалната власт во Гостивар треба да поднесе морална одговорност appeared first on Скопско ЕХО.