Епидемиолошката состојба во гостиварскиот регион покажува знаци на стабилизирање, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски. На прес-конференција посветена на актуелните здравствени предизвици, тој истакна дека бројот на новорегистрирани заболени се вратил на нивото од пред 25 јуни, што, според него, укажува на постепено смирување на кризата поврзана со водоснабдувањето.
Клековски нагласи дека подобрувањето на состојбата е резултат на редовното и соодветно хлорирање на водата во градскиот водовод во изминатите денови.
Тој посочи дека конечната одлука кога водата ќе биде прогласена за безбедна за пиење ќе ја донесе Управувачкиот комитет, откако ќе бидат завршени сите неопходни анализи и проверки на терен.
„Сметаме дека настанува смирување на епидемијата. Крај на епидемијата може да се прогласи само кога епидемиолошките анкети ќе покажат дека повеќе нема случаи поврзани со градскиот водовод во Гостивар. Новите заболени може да се резултат и на други причини“, изјави Клековски.
Во однос на квалитетот на водата, министерот истакна дека кога параметрите за резидуален хлор ќе бидат исполнети на сите контролни точки и сите анализи ќе покажат исправност, Управувачкиот комитет ќе даде зелено светло водата повторно да се користи за пиење и подготовка на храна.
The post Клековски: Водата ќе биде безбедна кога ќе се исполнат сите услови appeared first on Скопско ЕХО.