Тенерифе ја приреди една од најголемите сензации во европската кошарка оваа сезона, елиминирајќи го Реал Мадрид во четвртфиналето од плејофот на шпанската АЦБ лига. Во решавачкиот трет натпревар, одигран во „Визинк Центарот“, гостите славеа со 107:95.

Парадоксално, тимот на Серхио Скариоло оваа сезона стигна до финалето на Евролигата, но не успеа да ја мине првата плејоф-пречка во домашното првенство. За Реал ова е прво елиминирање во четвртфинале на АЦБ лигата по 2008 година, кога беше поразен од Уникаха.

Клучна улога во победата на Тенерифе имаше одличниот шут за три поени. Гостите погодија 13 од 28 обиди, додека Реал беше далеку под своето ниво со само пет реализирани тројки од 31 обид.

Блескаа искусните кошаркари на Тенерифе. Австралискиот ветеран Пати Милс постигна 29 поени, а 43-годишниот Марселињо Уертас додаде 23. Значаен придонес даде и Кевин Јебо со 22 поени и седум скока.

Интересно е што Тенерифе настапи со состав во кој немаше ниту еден играч помлад од 29 години, а токму искуството се покажа како пресудно во триумфот над фаворитот.

Кај Реал Мадрид најдобар беше Марио Хезоња со 22 поени, но неговата добра партија не беше доволна за избегнување на елиминацијата.

Овој натпревар најверојатно беше и последен во кариерата на легендарниот Серхио Љуљ. Триесет и осумгодишниот кошаркар помина нешто повеќе од шест минути на паркетот и се очекува наскоро да стави крај на богатата кариера.

Со овој пораз, Реал Мадрид останува без трофеј во кошаркарската сезона, а доколку истото се случи и во фудбалот, клубот ќе ја повтори ситуацијата што последен пат се случила пред 16 години.

The post Историска сензација: Реал Мадрид елиминиран во четвртфиналето од АЦБ лигата appeared first on Прва Скопска ТВ.