Околу 40 коњаници, меѓу кои и пет девојки, вечерва во 18 часот ќе тргнат од дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче кон Крушево, продолжувајќи ја долгогодишната традиција посветена на одбележувањето на Илинден и на македонските херои.
Општина Аеродром ги повика граѓаните да присуствуваат на свеченото испраќање на учесниците на 48. Традиционален Илинденски коњички марш, кој се организира во пресрет на големиот државен празник – 2 Август, Илинден.
Маршот е во организација на Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“, а традицијата која трае речиси пет децении има за цел да го зачува споменот на историските настани и борците кои оставиле трага во македонската историја.
На 31 јули, коњаниците од Горно Лисиче ќе се соединат со останатите учесници од Свети Николе, Кичево и Битола, создавајќи заедничка поворка која ќе испрати порака за единство, почит кон традицијата и зачувување на историското наследство.
Од Општина Аеродром посочуваат дека овој настан претставува симболично потсетување на значењето на Илинден и на вредностите кои ги поврзуваат генерациите.
The post Илинденскиот коњички марш од Горно Лисиче тргнува кон Крушево по 48 години традиција appeared first on Скопско ЕХО.