Царинската управа информира дека започнува со имплементација на еден од најзначајните проекти за модернизација на граничната инфраструктура со кој се воведуваат паметни системи за автоматизација на граничните терминали, за што се обезбедени грант средства од Европската унија во висина од 2 милиони евра.

По претходно објавен јавен оглас потпишан е договор со изведувачот за набавка на опрема, со што се означува значаен прогрес на проектот чија имплементација треба да заврши до средината на наредната година.

„Автоматизацијата на терминалите ќе овозможи значително побрз проток на стоки и намалување на времето на чекање и оперативните трошоци за економските оператори. Со замена на постојните рампи и ваги со нови дигитални системи поддржани со напредни аналитички видео камери – увозот, извозот и транзитот ќе се евидентираат автоматски, за само неколку секунди по влезот на товарното моторно возило на царинскиот терминал“, посочија од Царина.

Автоматските ваги и рампи ќе бидат директно поврзани со системот за видео надзор и за препознавање на регистарски таблички, за што во тек е постапка за набавка на софтвер – интегратор, со што ќе овозможи поефикасна контрола и забрзан проток на легалната трговија во согласност со ЕУ стандардите. Воедно, примената на ваквите системи ќе овозможи и намалување на човечкиот фактор, како еден од основните алатки за ефикасна борба со криминалот и корупцијата, наведува Царината.

The post ГРАНИЧНИТЕ ТЕРМИНАЛИ ЌЕ БИДАТ ЦЕЛОСНО АВТОМАТИЗИРАНИ Се набавува опрема со грант од ЕУ од 2 милиони евра appeared first on plusinfo.mk.