Царинската управа започнува со реализација на проект за воведување „паметни граници“, со кој граничните терминали во земјава треба да бидат целосно автоматизирани. За проектот се обезбедени два милиони евра грант средства од Европската Унија, а веќе е потпишан договор со избраниот изведувач за набавка на потребната опрема.

Според Царинската управа, проектот треба да биде завршен до средината на следната година и ќе овозможи побрз проток на стоки, намалување на времето на чекање и пониски оперативни трошоци за компаниите што вршат увоз, извоз и транзит.

„Царинската управа започнува со имплементација на еден од најзначајните проекти за модернизација на граничната инфраструктура со којшто се воведуваат паметни системи за автоматизација на граничните терминали“, наведуваат од институцијата.

Во рамки на проектот ќе бидат заменети постојните рампи и ваги со современи дигитални системи, поддржани со аналитички видео камери. Новата технологија ќе овозможи автоматско регистрирање на влезот на товарните возила и обработка на податоците за само неколку секунди.

Планирано е автоматските ваги и рампи да бидат поврзани со системи за видео надзор и препознавање на регистарски таблички. За оваа намена во тек е и постапка за набавка на софтверски интегратор кој треба да овозможи поврзување на сите системи.

Од Царинската управа очекуваат дигитализацијата да придонесе за поефикасна контрола на границите и усогласување со европските стандарди.

„Автоматизацијата на терминалите ќе овозможи значително побрз проток на стоки и намалување на времето на чекање и оперативните трошоци за економските оператори“, соопшти Царинската управа.

Освен забрзување на трговските процеси, воведувањето на новите системи треба да има улога и во намалување на влијанието на човечкиот фактор, што според институцијата е една од алатките за поефикасна борба против криминалот и корупцијата.