Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски уверува дека железничкиот сообраќај ќе продолжи без прекин, и покрај големата штета што ја предизвика кражбата и уништувањето на електроенергетската инфраструктура кај Драчево.

Николоски соопшти дека вечерва одржал координациски состанок со директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, и директорот на „Македонски железници – Транспорт“, Дејан Кошутиќ, на кој биле договорени конкретни мерки за нормализирање на состојбата.

Според него, проектот за воведување на градскиот воз ќе стартува на 1 септември, согласно претходните најави. Истовремено, непречено ќе продолжи и карго железничкиот сообраќај на Коридорот 10, кој претставува најзначаен извор на приходи за железницата, како и патничките линии кон Велес, Гевгелија, Прилеп и Битола.

Министерот изрази очекување дека Министерството за внатрешни работи во најкус можен рок ќе ги идентификува сторителите на кражбата и тие ќе сносат одговорност за предизвиканата штета. Воедно, тој му се заблагодари на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за брзата реакција на полициските служби.

The post Градскиот воз стартува на 1 септември, уверува Николоски appeared first on Скопско ЕХО.