Актуелниот европски шампион Ѓер обезбеди место во финалето на Лигата на шампионите во женска конкуренција, откако во полуфиналето на фајнл-фор турнирот славеше против Брест со минимални 31:30.

Унгарскиот гигант ќе има можност да ја освои третата последователна титула и вкупно осмата европска круна во својата историја. Во големото финале ќе се сретне со францускиот Мец, кој ќе настапи во своето петто финале на завршниот турнир, но сè уште ја нема освоено шампионската титула.

Натпреварот понуди вистинска драма до самиот крај. Ракометарките на Брест во последните пет минути не успеаја да ја затресат противничката мрежа, додека Ѓер успешно ги одби сите нивни обиди за пресврт. Францускиот тим во завршницата се обиде да ризикува со игра без голман и напад „седум на шест“, но загубената топка ги чинеше шанса за израмнување.

Најефикасна во победничкиот состав беше Дион Хушир, која постигна девет гола од 13 обиди. Кај Брест се истакна Ана Вјахирева со седум погодоци од девет шута, од кои три беа реализирани од седум метри.

Финалниот натпревар меѓу Ѓер и Мец е закажан за утре со почеток во 18 часот.

The post Ѓер по голема драма избори финале во Лигата на шампионите appeared first on Прва Скопска ТВ.