ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Општина Центар ќе добие нова фасада и современо LED осветлување во рамки на проектот за енергетска обнова на училишниот објект. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во текот на градежните активности, кои треба да придонесат за поголема енергетска ефикасност и подобри услови за работа.

Реконструкцијата се реализира со средства обезбедени преку заем од Светска банка, а предвидува поставување нова топлинска изолација, обновување на фасадата и замена на целокупното внатрешно осветлување.

„На 190-годишнината од постоењето на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ инвестираме во негова целосна енергетска обнова. Новата енергетски ефикасна фасада и LED осветлувањето ќе придонесат за помали сметки за електрична енергија, подобри услови за учениците и наставниот кадар и поздрава средина“, изјави Герасимовски.

Проектот опфаќа поставување висококвалитетна камена волна на површина од околу 2.000 квадратни метри, како и дополнителна изолација околу прозорците и вратите со цел подобрување на енергетските карактеристики на објектот.

Фасадата ќе добие нов декоративен малтер и изменет колоритен изглед, а предвидено е и обновување на дел од металните елементи на објектот, кровните лимени опшивки и ветерлајсни.

Паралелно со градежните работи, училиштето ќе добие и нов систем на осветлување. Околу 300 постојни светилки ќе бидат заменети со енергетски ефикасни LED светилки, со што се очекува намалување на потрошувачката на електрична енергија.

„Во овој период наш приоритет се реконструкциите и санациите во сите училишта во Центар, затоа што вложувањето во образованието е вложување во иднината“, порача градоначалникот на Центар.

Според најавите од општината, главниот дел од фасадните работи треба да биде завршен до септември, за учениците и наставниот кадар новата учебна година да ја започнат во подобрени услови.