
Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија денеска постигнаа договор за 21-от пакет санкции против Русија. Попладнево ќе биде покрената писмена постапка за формално донесување на одлуката, се дознава од дипломатски извори. Преговорите за 21-от пакет траеја со денови, а последната пречка беше барањето на Грција на нејзините бродосопственици и понатаму да им се овозможи транспорт на течен руски гас наменет за трети земји.
Компромисот беше постигнат утрово. Предвидува ограничено исклучок од забраната за транспорт на руски течен гас за трети земји за договорите склучени пред 24 февруари 2022 година, кога започна руската инвазија врз Украина. Советот на ЕУ тој исклучок ќе го преиспитува еднаш годишно.
Пакетот вклучува и замрзнување на горната граница на цената на руската нафта на 12 месеци, на сегашното ниво од 44,10 долари по барел. Со тоа Русија ќе остане без значителен дел од приходите од продажба на нафта, со оглед на тоа што цената на нафтата силно порасна поради судирите на Блискиот Исток.
Во новиот пакет на листата санкционирани е додаден досега најголемиот број физички и правни лица. Пакетот вклучува обемни ограничувања и забрани за трансакции насочени кон рускиот финансиски сектор, нови мерки против криптовалутите, како и дополнителни трговски ограничувања со кои дополнително се ограничува руската воена индустрија. На листата се додадени и нови бродови од руската „флота во сенка“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поддржа договорот на земјите членки на Европската Унија.
„Го поздравувам договорот за 21-от пакет санкции против Русија. Во време кога Украина го зајакнува воениот замав, нашите санкции и понатаму ги ослабуваат економските темели на руските воени напори“, објави фон дер Лајен на „X“ денеска.
Таа истакна дека е преземен важен чекор кон формална забрана за влез на руски борци во ЕУ. На листата забрани за трансакции додадени се уште 32 руски банки, како и платформи за трговија со криптовалути и нафта. Фон дер Лајен нагласи и дека санкциите за првпат се насочени кон пловила кои ѝ помагаат на руската „флота во сенка“.