Четири припадници на силите на Европската Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР) загинаа, а 11 се повредени при пад на италијански воен хеликоптер CH-47 „Чинук“ во близина на Брчко, соопшти ЕУФОР, пренесува Ројтерс.

Несреќата се случила на денеска, во областа Горице, за време на рутинска обука. Според официјалното соопштение на ЕУФОР, повредените се во стабилна состојба и им се укажува медицинска помош.

Од ЕУФОР соопштија дека веднаш по несреќата на местото пристигнале итните служби на Босна и Херцеговина, како и припадници на тимовите за врска и набљудување на мисијата. Повредените и настраданите биле извлечени од леталото и пренесени во здравствените установи во Брчко.

Во несреќата нема повредени цивили, ниту е причинета штета на цивилната инфраструктура, имотот или возилата, соопшти ЕУФОР.

ЕУФОР започна детална истрага за утврдување на фактите и околностите што довеле до падот на хеликоптерот. Од мисијата најавија дека дополнителни информации ќе бидат објавени откако ќе бидат потврдени.

ЕУФОР ја спроведува операцијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина од 2004 година, кога ја презеде задачата од мировните сили на НАТО. Мисијата има задача да придонесува за одржување на безбедноста и спроведувањето на воените одредби од Дејтонскиот мировен договор, со кој беше ставен крај на војната во Босна и Херцеговина во периодот од 1992 до 1995 година.