Унгарски борбен авион „Грипен“ го придружувал патничкиот авион на „Виз ер“ до Будимпешта, откако за време на летот од Лондон кон Софија била добиена закана за поставена бомба. Авионот безбедно слетал на меѓународниот аеродром „Ференц Лист“, а надлежните служби започнале безбедносни проверки.

Станува збор за летот од лондонскиот аеродром „Лутон“ кон Софија, кој бил пренасочен по добиената закана додека се наоѓал во воздух.

Унгарскиот министер за одбрана Ромулус Русин-Санди соопшти дека службата за противвоздушна одбрана на НАТО издала тревога од типот „АЛФА“, по што унгарски воен авион „Грипен“ бил испратен во воздух за да го придружува патничкиот авион.

Според министерот, борбениот авион полетал во рок од неколку минути и го обезбедил слетувањето на леталото во Будимпешта. Потоа се вратил во својата база во Кечкемет, додека понатамошните безбедносни мерки ги презела полицијата.

Според податоците објавени од „Скај њуз“, авионот слетал во Будимпешта во 12:08 часот. Полетал од Лондон во 8:33 часот, а пристигнувањето во Софија било планирано за околу 13:25 часот по локално време.
Заканата не била потврдена. „Виз ер“ потврдил оти при претресот на авионот не било пронајдено ништо сомнително. Авионот требало да го продолжи летот кон Софија по завршувањето на проверките.