
Апелациониот суд во Скопје донел ослободителна пресуда за Бојан Јовановски-Боки 13, во предметот „Меѓународен сојуз“, со што е преиначена првостепената пресуда со која тој беше осуден на пет години затвор.
Информацијата на социјалните мрежи ја објави неговиот адвокат Сашо Дуковски, кој го застапуваше Јовановски во судската постапка.
Дуковски соопшти дека Апелациониот суд денеска одлучил да ја преиначи пресудата на Основниот кривичен суд во Скопје и да донесе ослободителна пресуда за неговиот клиент.
Во јавноста се огласи и самиот Јовановски.
„Падна правната кривотворевина, односно обвинението на Вилма Рускоска и срамната и тенденциозна првостепена пресуда на судијата Софче Гаврилова- Ефремова! Ова беа тешки седум години како за мене така и за моето семејство и за моите блиски!
Правдата е спора, но достижна! Ова е победа над злото! Благодарам на сите кои што ми беа вистинска поддршка сите овие години“, порача, меѓу другото, тој.
Претходно, во повторената постапка за овој случај во октомври 2025 година, Основниот кривичен суд Скопје му изрече намалена казна на Јовановски. Со таа првостепена одлука тој доби единствена затворска казна од пет години за кривичните дела измама и перење пари, што претставуваше намалување од претходно изречените девет години.
Јовановски беше осуден на пет години затвор за измама и перење пари во повторената постапка за случајот „Меѓународен сојуз“. Според обвинението, преку проект за изградба на домови за стари лица биле измамени двајца бизнисмени, а дел од уплатените средства биле користени за финансирање на телевизијата „1ТВ“ и лични цели.