Здружената независна иницијатива која има свој претставник во Советот на Град Скопје, Зелен Хуман Град преку соопштение потсети дека во Македонија, Стојна Димитровска од Кратово повеќе од година и пол физички и вербално малтретира и финансиски оштетува странски и домашни туристи, нелегално наплаќa влез во туристичкиот локалитет „Куклица“ а македонските институции никако не можат да се справат со нејзиниот противзаконски „претприемачки дух“.

Независните порачуваат дека, истовремено, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновка итн. постојано нè убедуваат нас граѓаните дека ќе се градат дата центри/отвараат рудници во Македонија „кои ќе работат по сите еколошки стандарди“, иако како што гледаме, велат од ЗХГ, една Финска, која важи за една од најфункционалните држави во светот мака мачи со ефикасна контрола врз технолошките конгломерати.

-Оттука јавно го прашуваме Премиерот Мицкоски едно многу логично прашање: Како да веруваме дека една власт која што речиси две години не може да се справи со Стојна од Кратово може да врши ефикасна контрола при изградбата и функционирањето на дата центри, рудници и сите останати индустриски капацитети, стои во ставот на ЗХГ.