Зошто токму Стефан Богоев? Дали поранешниот директор на Царината е првата карика што попушта во еден многу поголем синџир или само најлесната цел зад која се кријат далеку поважни имиња?
Со години јавноста слушаше обвинувања за милионски тендери, провизии, партиски вработувања и сомнителни договори. Но, ако навистина постоел систем на злоупотреби, тогаш логично се поставува прашањето – зошто истрагата започнува со наводни 2.000 евра и со човек кој никогаш не важеше за најмоќен играч во тогашната власт? Дали Богоев е почеток на пошироко отворање на случаите од минатото или станува збор за изолиран предмет кој треба да испрати политичка порака?
Одговорите допрва ќе се бараат. Но едно е сигурно – секогаш кога првично ќе се појави едно име, јавноста се прашува дали зад него стои цела мрежа која сè уште останува надвор од фокусот на институциите.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДС во периодот кога ја предводеше власта ги користел институциите за остварување на партиски и лични интереси, наместо за подобрување на животниот стандард на граѓаните и развој на државата.
Според владејачката партија, последниот случај кој ја потврдува таквата практика е поврзан со поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев. Од таму тврдат дека тој наводно примил 2.000 евра како дел од договор за местење тендер за одржување на хигиената на граничните премини и царинските терминали, чија вредност изнесувала околу 18 милиони денари.
Во партиското соопштение се наведува дека оваа сума не била единствената која требало да биде исплатена, туку претставувала само прва транша од повеќе договорени исплати. Според нивните информации, комуникацијата околу случајот се одвивала преку Вибер пораки со Александар Спирковски – Џемо.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Спирковски бил поврзан со компанијата што го добила тендерот и дека учествувал во договарањето на финансиските надоместоци. Од партијата посочуваат дека една од исплатите кои требало да ги добие Богоев наводно надминувала 110 илјади денари.
Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ бараат целосно расчистување на случајот и одговор на прашањето колкава била вкупната сума што требало да биде исплатена во рамки на наводниот договор за доделување на тендерот.
Партијата упати критики и кон локалните структури на СДС во Прилеп, наведувајќи дека Александар Спирковски – Џемо бил влијателна фигура во партиските кругови и лице кое имало значајна улога во локалните политички процеси.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека случајот претставува уште една потврда за, како што велат, моделот на функционирање на СДС, кој го поврзуваат со корупција, провизии и злоупотреба на институциите.
Од СДС засега нема официјален став или реакција на изнесените обвинувања. Во меѓувреме, останува отворено прашањето дали случајот со Богоев е само почеток на поширока истрага за тендерските постапки од минатото или ќе остане изолиран предмет со политички импликации.The post ЗОШТО ТОКМУ БОГОЕВ? ПОЛИТИЧКА ПОРАКА ИЛИ ПОЧЕТОК НА ПОШИРОКА ИСТРАГА? appeared first on Politika.