Во македонската јавност веќе одамна не е дилема што бара Брисел, туку дали Брисел воопшто слуша што му одговара Македонија. Секој нов настап на европските претставници сè повеќе наликува на академска вежба во повторување на веќе познати ставови, при што од граѓаните се очекува со ист ентузијазам да ја слушаат истата порака која ја слушаат со години.
Колку повеќе европските дипломати зборуваат за нов моментум, историска шанса и забрзување на проширувањето, толку повеќе македонската јавност слуша една иста реченица – прво уставни измени, па дури потоа разговор за следниот чекор. Така, надежта за европска интеграција сè почесто се претвора во чувство дека Македонија е заглавена во политичка чекалница во која часовникот постојано отчукува, но вратата останува затворена.
Токму таква порака испрати и европскиот амбасадор Михалис Рокас, кој од Штип порача дека германско-францускиот нон-пејпер не претставува документ што автоматски ќе овозможи отворање на кластерите во преговорите со Европската Унија.
Според Рокас, документот треба да се гледа како објаснување на динамиката на преговарачкиот процес и начинот на кој земјите кандидати ќе ги отвораат и затвораат поглавјата, а не како политички механизам што би ја заобиколил веќе усвоената преговарачка рамка.
„Начинот на кој јас го разбирам нон-пејперот е дека уставните измени остануваат обврска која произлегува од преговарачката рамка усвоена во 2022 година. По нивното усвојување ќе може да се одржи втората меѓувладина конференција и да започне отворањето на кластерите“, изјави Рокас.
Евроамбасадорот оцени дека Македонија има потенцијал многу брзо да напредува во процесот на пристапување, но само доколку се исполнат преземените обврски и продолжи реформската динамика.
Во однос на прашањето кога би можеле да се случат уставните измени, Рокас потенцираше дека тоа е исклучиво политичка одлука која треба да биде донесена од домашните институции и политички чинители.
Тој нагласи дека процедурата е јасно утврдена и дека одлуката зависи од моментот кога Владата и парламентарните партии ќе проценат дека постојат услови за преземање на тој чекор.
„Не можам да предвидам кога ќе се случат уставните измени. Тоа е прашање за политичките сили во државата и за процедурите кои треба да се спроведат во Собранието. Кога ќе се донесе таква одлука, тоа ќе биде значаен чекор напред“, рече Рокас.
Осврнувајќи се на реформската агенда, европскиот амбасадор оцени дека во последниот период постои видливо забрзување на реформските процеси. Тој откри дека на неодамнешната средба со претседателот на Собранието Африм Гаши добил уверување дека значителен дел од законите поврзани со реформската агенда би можеле да бидат усвоени до крајот на месецот.
Рокас смета дека токму реформите ќе бидат главниот фактор што ќе го одреди темпото со кое Македонија ќе може да напредува низ преговарачките поглавја откако ќе биде надминато прашањето со уставните измени.
Од самитот ЕУ – Западен Балкан што се одржа во Тиват, европскиот амбасадор ја издвои пораката дека процесот на проширување останува жив и дека Европската Унија гледа на интеграцијата на регионот како на стратешки приоритет.
Но, и покрај сите зборови за нова енергија, историски момент и забрзување на европскиот пат, суштинската порака што повторно ја слушна Македонија останува непроменета: германско-францускиот нон-пејпер не го отвора патот кон кластерите, а клучот за следната фаза од преговорите и натаму се наоѓа во уставните измени.The post ЗОШТО РОКАС ПОБРЗА ДА ЈА ВРАТИ РЕАЛНОСТА ТОКМУ КОГА СЕ ПОЈАВИ НАДЕЖ? appeared first on Politika.