Додека премиерот Христијан Мицкоски се соочува со секојдневните политички напади од опозицијата, ЗНАМ повторно избира да ги истакнува сопствените заслуги и да ги припишува институционалните резултати на своето партиско делување. Кога треба да се зборува за успеси, ЗНАМ има што да каже, има и бројки, закони и политички заслуги. Но кога треба да се застане во одбрана на Владата и да се одговори на опозицискиот притисок, товарот главно останува кај Мицкоски.

Така, наместо заеднички политички настап и преземање одговорност за владините политики, јавноста повторно добива слика во која коалициските заслуги се индивидуални, а политичките удари се заеднички товар што го носи премиерот.

И токму во таков контекст доаѓа и најновата порака на поранешниот министер за правда Игор Филков, кој Извештајот на Европската комисија за 2026 година го претставува како потврда за работата на ЗНАМ во Министерството за правда. Филков истакнува дека за две години биле поставени темелите за реформа на правосудството, дека биле подготвени 33 закони и дека Европската комисија препознала напредок во повеќе области. Посебно ги издвојува новиот Закон за Судскиот совет, Законот за Советот на јавните обвинители и Законот за парничната постапка. Секако, реформските резултати треба да се презентираат, но останува прашањето зошто политичката комуникација на ЗНАМ толку често се сведува на издвојување на сопствените заслуги, без истовремено да се покаже подготвеност за заедничко носење на политичката одговорност. Владата не е составена само од успеси на поединечни партии. Таа е заеднички политички проект, а одговорноста за нејзиното функционирање не може да се персонализира само кај премиерот. Ако ЗНАМ сака да биде препознаен како фактор во владините политики, тогаш логично е да се очекува истата видливост и кога станува збор за одбрана на владините одлуки од опозициските напади. Зашто политичкото партнерство не подразбира само право на сопствена промоција. Тоа подразбира и заедничка одговорност, солидарност и подготвеност да се застане зад политиките што ги спроведува Владата. Заслугите, очигледно, полесно се делат по партиски линии. Но политичките последици не можат да се остават само на една адреса.

The post ЗНАМ ГИ ПРИСВОЈУВА ВЛАДИНИТЕ УСПЕСИ, А МИЦКОСКИ ГО ОСТАВА САМ НА УДАР ОД ОПОЗИЦИЈАТА?! appeared first on Politika.