
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во партиско соопштение ги отфрли, како што вели, критиките и личните дисквалификации од Алијансата на Албанците и СДСМ упатени кон претседателот на партијата, Максим Димитриевски. Од ЗНАМ оценуваат дека наместо аргументирана политичка дебата, нивните политички противници користат навреди и обиди за дискредитација, меѓу кои и квалификацијата „патриот на батерии“.
„Кога нема аргументи за суштината на прашањата, очигледно остануваат навредите и обидите за политичка дискредитација. Квалификацијата „патриот на батерии“ најдобро зборува за политичката култура на оние што ја употребуваат, но не и за Максим Димитриевски“, наведуваат од ЗНАМ. Во одбрана на својот лидер, од партијата потсетуваат дека во 2017 година, пред локалните избори, тој се откажал од пратеничкиот мандат за да влезе во изборната трка за градоначалник на Куманово, за разлика од тогашни функционери на СДСМ кои ги задржале пратеничките позиции како резервна опција.
Од движењето посочуваат дека разликата во политичкиот пристап се огледа токму во преземањето одговорност, нагласувајќи дека патриотизмот не се докажува преку квалификации и навреди, туку преку конкретни постапки. Воедно, повторуваат дека нивниот став за полагањето на правосудниот испит е непроменет и дека тој треба да се спроведува на македонски јазик, во согласност со Уставот и законите.
„Нашиот став за правосудниот испит е јасен: тој треба да се полага на македонски јазик, согласно Уставот и законите. Македонскиот јазик не е предмет на политички пазарења и коалициски калкулации. ЗНАМ е подготвен за разговори со владините партнери, но нема да отстапи од своите принципи“, се наведува во партиското соопштение. Истиот пристап, додаваат од ЗНАМ, го застапуваат и во однос на евроинтегративниот процес, при што ја поддржуваат целта за членство во Европската Унија, но се против еднострани отстапки кон Бугарија без реципроцитет. Партијата останува на предлогот за одложено дејство на уставните измени и бара почитување на правата на Македонците во Бугарија.
Осврнувајќи се на обвинувањата од СДСМ за наводни средби, лобирања и поврзаност со Алта банка, од ЗНАМ побараа да бидат презентирани конкретни докази, факти и документи. Според нив, доколку постојат докази за незаконско постапување, надлежните институции треба да постапат, а сериозните обвинувања не треба да се користат за дневнополитички пресметки.
„ЗНАМ не отвора прашања за македонскиот јазик за да му обезбеди алиби на кого било, туку затоа што тоа е прашање од суштинско значење за државата“, порачуваат од партијата. Во соопштението се осврнуваат и на шпекулациите за наводен пад на нивниот рејтинг, потсетувајќи дека на изборите во 2024 година освоиле 56.232 гласа, односно 5,59 проценти и шест пратенички мандати, иако дел од аналитичарите им прогнозирале поддршка од околу еден процент. Според интерна анкета на ЗНАМ, актуелната поддршка за партијата е над 4,5 проценти.
Од движењето порачуваат дека нема да ги менуваат своите политички принципи во зависност од дневнополитичките околности, ниту ќе прифатат отстапки без реципроцитет кога станува збор за државните интереси. Нивната порака е дека Македонија не смее да биде предмет на политички пазарења, а патриотизмот треба да се докажува со дела, ставови и преземање одговорност.