
Жители на населбата Капиштец најавија протест против како што велат, долгогодишниот проблем со прекумерната бучава, нарушувањето на јавниот ред и недоволната реакција на надлежните институции. Иницијативата „За пристоен Капиштец“ ги повика граѓаните на мирен протест кој ќе се одржи утре, (11.06) со почеток во 19.00 часот кај кошаркарското игралиште во паркот Капиштец.
„Доста ни е од бучавата, сега ние ќе бидеме гласни. Додека нас не држат будни, институциите спијат“, порачаа организаторите во повикот до граѓаните.
Жителите бараат доследно почитување на законските прописи, редовни и ефикасни инспекциски контроли, како и поголема заштита на јавниот ред и мир. Според нив, целта на протестот е да се обезбеди мирна и безбедна средина за живот за сите жители, особено за децата.
Од иницијативата посочуваат дека проблемот со бучавата трае со години и е најизразен во вечерните и ноќните часови, кога гласната музика од локалите и собирањето на поголеми групи луѓе во јавниот простор го нарушуваат секојдневието на жителите.
Жителите велат: „Дваесет години живееме во постојан стрес, нарушен мир и целосна институционална игнорантност поради работењето на кафе-барот „Интермецо“. Додаваат дека кафулето е извор на бучава, хаос и небезбедност во оваа резиденцијална населба.
„Неколку дена во неделата, особено во вечерните часови, музиката од локалот ги надминува сите нормални и законски дозволени граници. Така беше и синоќа. Наместо мир и достоинствен живот, граѓаните се принудени да живеат како заложници во сопствените домови, без можност за одмор, сон или нормално секојдневие. Овој проблем не е само прашање на прегласна музика. Со години наназад, жителите се соочуваат и со целосен колапс на паркирањето во околината, уништување на јавен и приватен имот, вандализам, тепачки и нарушување на јавниот ред и мир, агресивно и недолично однесување на посетители и со чести полициски интервенции“, велат од граѓанската иницијатива.