Францускиот селектор Зинедин Зидан го објави списокот од 23 фудбалери за претстојните натпревари против Италија и Турција во Лигата на нациите, со четири нови имиња во составот и неколку значајни враќања.

Најголемото изненадување е повикот за 23-годишниот Пабло Пажис од ФК Париз, кој досега не настапил за сениорската репрезентација.

Последните фудбалери на Париз ФК што добиле повик во француската репрезентација биле Луј Флош и Жан-Пол Ростањи во мај 1973 година, по што клубот чекал 53 години за нов репрезентативец.

Во врска со новиот дебитант, Зидан објасни дека не сака да се потпира исклучиво на искусните репрезентативци, ниту пак да состави тим само од нови таленти.

– Идејата не е да повикам само искусни играчи, но исто така не планирам ниту да земам исклучиво нови играчи. Сакам да видам одредени фудбалери. На пример, имав можност да го изберам Пабло Пажис – ова е вистинската прилика, а колку време ќе помине на теренот, ќе видите кога ќе се одиграат натпреварите – изјави Зидан.

Во составот се враќаат Мало Густо од Челзи, Орелиен Чуамени од Реал Мадрид и Маркус Тирам од Интер. Повик доби и дефанзивецот на Манчестер јунајтед, Лени Јоро.

Селекторот има проблеми и со повредени фудбалери. За претстојните натпревари нема да може да смета на седуммина играчи, меѓу кои се Вилијам Салиба, Жил Кунде, Ману Коне и Усман Дембеле.

Франција на 12 ноември ќе гостува во Милано против Италија, додека три дена подоцна ќе ја пречека Турција.

Французите се први во групата со 10 бодови, пред Италија со седум и Белгија со шест, додека Турција е без бодови. На избраниците на Зидан им е доволен и нерешен резултат на гостувањето во Милано за да обезбедат пласман во четвртфиналето на Лигата на нациите.

The post ЗИДАН ГО ИЗНЕНАДИ ФРАНЦУСКИОТ ФУДБАЛ СО ДЕБИТАНТ Пажис е прв фудбалер на ФК Париз повикан во репрезентацијата по 53 години appeared first on plusinfo.mk.