
Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека синоќа нападнала американски воени бази на Блиски Исток како одговор на американските напади врз островите Сирик и Кешм.
Во соопштението на ИРГЦ се наведува дека се нападнати „непријателските бази во регионот со помош на ракети“. Ракетирани се американски бази во Кувајт и вo Бахреин, а исто така е стрелано врз четири танкери кои се обиделе да поминат низ Ормуската Теснина.
Нападот бил извршен како одговор на американските напади, а истрелани се балистички ракети врз военовоздухопловната база „Али ал Салем“ во Кувајт, каде има стационирано и американски војници и врз главната база на Петтата американска флота во Бахреин.
Техеран истрела седум балистички ракети кон Кувајт и Бахреин само неколку часа откако Цент-ком собори четири ирански беспилотни летала лансирани кон Ормуска Теснина. Според Цент-ком беспилотните летала претставувале директна закана за поморската пловидба во регионот.
Централната воена команда на САД (Цент-ком) соопшти дека од вкупно седум ракети испукани во Заливот, шест биле успешно пресретнати, додека една не ја достигнала целта.
Американските сили потоа ги нападнаа иранските крајбрежни радарски станици во Горук и на островот Кешм, наведувајќи дека тоа е одбранбена мерка од понатамошни напади врз бродовите.

Како што јавија кувајтските медиуми над земјата биле пресретнати ракети и дронови од непознато потекло, додека во Бахреин се огласиле сирени и на жителите им било наредено да побараат засолниште.
Министерството за надворешни работи во Манама ги осуди новите ирански напади врз Бахреин и Кувајт.
„Оваа очигледна агресија е јасно кршење на суверенитетот на двете земји“, се наведува во соопштението на бахреинското МНР.
Новите напади меѓу Вашингтон и Техеран ја зголемуваат тензијата во регионот и покрај формално договореното примирје.
Мохсен Резаи, воен советник на врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, вчера изјави дека преговорите се наоѓаат во застој и дека американскиот претседател Доналд Трамп треба да најде решение за надминување на ќорсокакот.
Потенцијалниот мировен договор меѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД) зависи од одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ослободи 24 милијарди долари замрзнати ирански средства, изјави Резаи.
The post 🎥 ЖЕСТОКИ НАПАДИ МЕЃУ САД И ИРАН ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ Ракети летаа кон Бахреин и Кувајт, како и кон танкери во Ормуската Теснина appeared first on plusinfo.mk.