Меѓународниот секретар и член на СДСМ, Андреј Жерновски се огласи со реакцијата по последните изјави од шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски за протоколите со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ.

„Како во животот, така и во политиката секој има право да го промени својот став. Но кога ќе сфатиш дека си грешел, постои нешто што се вика политичка доблест- а тоа е да излезеш пред граѓаните и да кажеш: „Погрешив. Ве доведов во заблуда. Извинете“. Проблемот не е само во тоа што Тимчо Муцински денес зборува поинаку. Проблемот е што денес, како министер за надворешни работи, гордо ги кажува и се фали токму со оние работи кои тој и неговата партија со години ги прогласуваа за „велепредавство од СДСМ“ и врз нив градеа политички рејтинзи и кариери.

Со години ја плашеа јавноста дека Протоколите се најголемата закана за Македонија и дека тие се клучниот услов што ќе ја одреди нашата европска иднина. Денес, истиот тој Муцунски без никаков срам изјавува дека Протоколите не се дел од преговарачката рамка.

Со години ги убедуваа граѓаните дека Преспанскиот договор, наводно, го избришал македонскиот идентитет. Преку безобразни кампањи свесно лажеа дека сме станале „северномакедонци“ и дека зборуваме „северномакедонски јазик“.

Денес, истиот тој Муцунски категорично вели дека постои само македонски народ и македонски јазик и дека, пазете, ќе реагирал секогаш кога некој ќе се обиде да го негира тоа. Каква бедна манипулација“, објави Жерновски.

Тој тврди дека Македонија заслужува политичари кои имаат храброст да ја кажат вистината и кога е тешка.

„Не политичари на кои вистината им зависи од тоа дали седат на опозициските клупи или во министерската фотелја. Бидејќи државата не смее да биде заложник на туѓите политички пресврти. А уште помалку на неверојатната леснотија со која некој денес го демантира она што вчера го претставувал како единствена вистина“, стои, меѓу другото, во објавата на екс-амбасадорот и поранешен заменик-министер.

На новинарско прашање на прес-конференција во петокот, за тоа дали дали протоколот е дел од Преговарачката рамка, Муцунски неколкупати одговори негативно.

„Мојот став како министер за надворешни работи е дека протоколите, да повторам, тоа е називот на записниците од разговорите, некој одлучил да се наречат протоколи, зошто тоа е направено, еве во тоа да не навлезам, согласно моето толкување и како министер за надворешни и како правник е дека тие не се дел од преговарачката рамка“, рече Муцунски.

Официјалниот текст на Преговарачката рамка бара Македонија да постигнува видливи резултати и добросовесно да го спроведува Договорот со Бугарија, вклучително и годишните прегледи и мерките за негово спроведување според член 12. Токму протоколите се усвојуваат во рамките на таа меѓувладина комисија.

Во Вториот протокол експлицитно е запишано дека следната меѓувладина конференција со ЕУ, со која треба да заврши почетната фаза од преговорите, ќе се одржи откако уставните измени ќе стапат во сила и Бугарите ќе бидат внесени во Уставот.