
„Владата го одби амандманот со кој се бараа над една милијарда денари дополнителна финансиска поддршка за земјоделците и исплата на заостанатите субвенции, потег кој опозицијата го оценува како доказ за целосно запоставување на секторот. Ова одбивање доаѓа во услови на драстично намалување на финансиската поддршка и натрупани долгови од десет милијарди денари кон земјоделците“, порачаа од опозицијата на крајот на месец септември.
Официјалните извештаи на Платежната агенција, како што посочи пратеникот Љупчо Николовски, покажуваат дека во 2025 година се исплатени за 50 до 60 милиони евра помалку субвенции во споредба со претходните две години, што довело до 10.000 пријавени земјоделци помалку. Николовски од СДСМ нагласи дека хаосот е резултат на импровизациски политики, вклучително и задржувањето на условот за предадени 30 отсто од производството, зголемувањето на праговите за поддршка и укинувањето на авансната исплата. Тој критикуваше дека претходно воспоставениот јасен календар за неселективна исплата сега е целосно нарушен, поради што земјоделските производи завршуваат на буништа.
Владата дојде на власт со ветувања за земјоделска преродба. Денес земјоделците протестираат, бараат исплата на субвенции и се жалат дека производството им е неисплатливо. Според дел од нив, најмногу страдаат малите земјоделци, бидејќи располагаат со мал капитал и секоја субвенција им е важна за да го продолжат производството. За нив и најмало намалување на поддршката или заострување на условите претставува голем финансиски удар. Ваков е ставот на Борче Карадачки од Националната земјоделска мрежа. Во разговор за „Локално“ вели дека не може малите семејни стопанства да се третираат исто како големите компании и порачува дека државата треба да ги штити, а не дополнително да им ја отежнува работата.
Владата тврди дека средствата ќе одат кај вистинските земјоделци. Соговорникот вели дека разбира зошто Владата сака да направи разлика меѓу вистинските и фиктивните земјоделци, бидејќи со години постојат злоупотреби со пријавување земјиште и земање субвенции без реално производство.

Фото: Борче Карадачки
-Но, прашањето е кој и како ќе одлучува кој е вистински земјоделец. Не може некој само врз основа на документација да проценува дали еден човек навистина произведува. Потребни се реални теренски контроли и транспарентни критериуми. Најважно е во борбата против злоупотребите да не бидат оштетени малите земјоделци кои чесно си ја работат земјата, истакнува Карадачки.
Запрашан колку е опасно за државата да ја зголемува зависноста од увоз на храна во услови на геополитички кризи и нестабилни меѓународни пазари, земјоделецот вели дека ова е сериозен проблем, бидејќи државата со години не вложува доволно во развојот и модернизацијата на сопственото земјоделско производство.
-Наместо да создаваме услови домашните земјоделци да произведуваат повеќе, сè повеќе се потпираме на увоз. Во 2025 година увозот на храна надмина 1,1 милијарда евра. Тоа е лош сигнал за држава која има плодна земја и потенцијал за производство. При секоја поголема криза, војна или нарушување на пазарите, зависноста од увоз може скапо да нè чини. Мора да се инвестира во домашните земјоделци, затоа што сопственото производство значи сигурност за државата и граѓаните, наведува Карадачки.
Според него, досега државата не покажа јасна и долгорочна стратегија за развој и заштита на домашното земјоделско производство. Потецира дкеа земјоделците постојано се соочуваат со исти проблеми, а кога бараат решение и излегуваат на протести, често не добиваат конкретен одговор на своите барања.
-Не е доволно да се носат програми од година за година. Потребни се конкретни мерки, навремени исплати, сигурен откуп и инвестиции во производството. Земјоделците не бараат ветувања, туку услови за да можат да работат и да опстанат, децидни се од НЗМ.
Карадачки нагласува дека Македонија веќе го губи сопственото земјоделско производство. Вели не зборуваме за некаква можна опасност во иднина, туку за процес што веќе се случува.
-Домашните земјоделци се откажуваат од производството затоа што не можат да ги покријат трошоците, немаат сигурен откуп и не добиваат навремена поддршка. Ако државата продолжи вака да се однесува кон земјоделството, ќе станеме држава што увезува храна наместо сама да ја произведува. Тоа е сериозен удар врз домашната економија и прехранбената сигурност. Држава што не го штити сопственото производство, ја загрозува сопствената иднина, заклучува соговорникот.
Со амандманите за земјоделството, и Левица побара зголемување на средствата за финансиска поддршка на земјоделското производство за три милијарди денари, како и враќање на 70,2 милиони денари за рурален развој. Од партијата велат дека предлозите имаа цел да обезбедат дополнителна поддршка за земјоделците во услови на зголемени производствени трошоци и ценовна неизвесност, како и континуитет во реализацијата на мерките за подобрување на економските и инфраструктурните услови во руралните средини. Според Левица, и покрај значењето на домашното земјоделско производство и потребата од развој на руралните подрачја, ВМРО-ДПМНЕ ги одби предложените средства.
Н.П.