Украинските напади со дронови насочени кон руската нафтена индустрија предизвикаа неколку големи пожари на југот на земјата, известија во неделата руските власти.

Локалните медиуми пренесоа дека во Ставрополскиот Крај се запалиле три складишта за нафта. Гувернерот на Ставропол, Владимир Владимиров, потврди дека во индустриските објекти избувнале повеќе пожари и експлозии. Тој изјави дека нема податоци за повредени лица.

Гувернерот не ги именуваше погодените објекти, но кажа дека делумно е прогласена вонредна состојба. Евакуирани се згради, а жителите се преместени на безбедно, рече тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видеоснимки на кои, како што кажа, се прикажани постројки што горат.

„Ќе продолжиме со нашата реакција на руските напади на целосно оправдан и прецизен начин“, рече тој, додавајќи дека цел на нападите биле и танкерите на руската тајна флота во Црното Море.