Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека е спроведена хуманитарна операција за спасување и евакуација на населението од градот Олешки, во Херсонската област, за време на која се деминирани патиштата и е доставена хуманитарна помош и се евакуирани лица на кои им е потребна заштита, наведувајќи дека украинските граѓани од таа област во меѓувреме пристигнале на територијата контролирана од Украина.

Во објава на социјалната мрежа „X“, Зеленски објави дека за време на операцијата е воспоставен прекин на огнот во правец на Херсон, што овозможило деминирање на патиштата кон Олешки и испорака на хуманитарни пратки.

Тој изрази очекување дека хуманитарниот пристап до градот ќе биде можен и во иднина.

Според него, луѓето на кои им е потребна евакуација се транспортирани од градот и околната заедница, а на сите оние кои ја преминале границата ќе им биде укажана потребната помош.

Зеленски ги повика државните институции, како и надлежните регионални и локални власти, ефикасно да соработуваат за да им помогнат на евакуираните граѓани да се прилагодат на новите околности.

Украинскиот претседател им се заблагодари на американската страна и на првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, за посредништвото во операцијата.

Тој, исто така, изрази благодарност до Украинските одбранбени сили, кои, како што изјави, обезбедија услови за безбедно спроведување на хуманитарната мисија, како и до украинскиот заштитник на граѓаните Дмитро Лубинец и неговиот тим за спроведувањето на операцијата.

Жителите на Олешки, во Херсонската област, беа евакуирани како дел од хуманитарната акција договорена меѓу Киев и Москва со посредство на САД. На оние кои сакаа да го напуштат градот им беше дадена можност да отпатуваат со автобус. Некои заминаа во Русија, други во правец кон останатиот дел од Украина.

Жителите кои останаа во селото добија храна, хигиенски производи, гориво за генератори, лекови и други неопходни потреби, објави претходно РИА Новости.